
Нативната радиографија како важна дијагностичка алатка за утврдување на опструкција предизвикана од туѓо тело кај мачка - Приказ на случај
Автори:
Александар Јаневски, Факултет за ветеринарна медицина - Скопје, Универзитет "Св. Кирил и Методиј", 1000 Скопје, Северна Македонија;
Борис Димитриевски, Факултет за ветеринарна медицина - Скопје, Универзитет "Св. Кирил и Методиј", 1000 Скопје, Северна Македонија;
Јасминка Серафимовска, Ветеринарна Болница, 1000 Скопје, Северна Македонија;
Драган Алексов, Ветеринарна Болница, 1000 Скопје, Северна Македонија;
Дине Митров, Факултет за ветеринарна медицина - Скопје, Универзитет "Св. Кирил и Методиј", 1000 Скопје, Северна Македонија
Кратка содржина: Заболувањата на гастроинтестиналниот тракт претставуваат едни од најчестите пореметувања кај домашните миленици. Кај мачките првичната диференцијална дијагноза при ваквите состојби е гастроинтестиналната острукција. Како најчести причини за опструкцијa се наведуваат: туѓи тела, трихобезоари, фокална интестинална неоплазија, инфективен перитонитис и мегаколон. Се работи за 3,5 годишна возрасна стерилизирана мачка примена со историја на хронично повраќање, хипертермија, дехидрираност и апатија. Направена е комплетна крвна слика каде се утврдени покачени леукоцити, но без абнормалности на биохемиската анализа. За време на абдоминалната палпација мачката не покажала никакви знаци на болка или присуство на абдоминална маса. Приближно еден месец од терапијата мачката повторно е примена со речиси исти клинички знаци и хематолошки наод поради што е препорачано да се направи рендгенолошко испитување на абдоменот. На рендгенските снимки беше утврдена јасно видлива формација во централниот дел на мезогастриумот. По 72 часа беше направено контролно рендгенолошко испитување, со цел да се спореди локализацијата на структурата, која беше на иста позиција како и првиот пат. Беше изведена итна целиотомија каде преку ентеротомија беше отстрането гумено капаче во пределот на јејунумот. Радиологијата е неопходна дијагностичка алатка за дефинитивна дијагноза на гастроинтестинална опструкција кај домашните миленици, како и за многу други патологии кога не постои соодветна дијагноза или подобрување на здравствениот статус по два или три последователни третмани.
Клучни зборови: мачка, нативната радиографија, страно тело
Вовед
Заболувањата на гастроинтестиналниот тракт (ГТ) претставуваат едни од најчестите пореметувања кај домашните миленици. Постојат голем број на причини за појава на гастроинтестинални заболувања кај домашните миленици, а кај мачките првичната диференцијална дијагноза при ваквите состојби е гастроинтестиналната острукција. Како најчести причини за опструкцијa се наведуваат: туѓи тела, трихобезоари, фокална интестинална неоплазија, инфективен перитонитис и мегаколон (MacPhail 2002).
Туѓите тела во ГТ се доминантни причинители за гастроинтестинална опструкција која се јавува пред сѐ кај младите мачки, но не се исклучени и возрасните мачки. Главната причина за интестинална опструкција кај милениците е релативно големиот лумен на хранопроводот што им овозможува да голтаат предмети кои се со поголем обем од луменот на цревата (Fazio 2006). Дел од проголтаните туѓи тела може да се елиминираат од ГТ без никакви проблеми, но дел од нив може да предизвикаат опструкција на која било локација од ГТ (Fazio 2006, Michigan Veterinary Specialists 2006). Предилекциони места за опструкција кај мачките се: коренот од јазикот, пилорусот од желудникот, јејунумот и илеоцекалниот премин. Туѓите тела се поделени во две групи, и тоа: линеарни и нелинеарни туѓи тела. Кучиња се повеќе склони да внесат нелинеарни туѓи тела, како: камења, пластика, ткаенини, монети, гумени предмети, обвивки за храна, играчки, капачиња од шишиња, џамлии, клавче, семки од овошје, тампони и коски. За разлика од нив, мачките многу ретко внесуваат нелинеарни туѓи тела, претежно трихобезоари и жици (Capak и сор. 2001). Во однос на линераните туѓи тела, ситуацијата кај мачките е обратна при што утврдено е дека тие најчесто внесуваат конец и конец со игла. Кучињата, пак, почесто внесуваат: жица, еластична лента, тепих, најлон, трикотажа, врвка и сл. (Nandini и сор. 2017, Papazoglou и сор. 2003) Во истражувањето на Felts и сор. (1984) констатирано е дека 90.6% од туѓите тела пронајдени кај мачките биле конец, додека 9.4% биле конец со игла.
Освен што можат да предизвикаат опструкција, некои од туѓуте тела може да предизвикаат и локално или регионално оштетување на цревото, а туѓите тела како парчиња жица, игли, остра пластика или остри парчиња од коска можат да го перфорираат ГТ и да доведат до последователен перитонит. Дел од туѓите тела, како што се монети или предмети што содржат олово, може да предизвикаат и системска токсикоза (Fazio 2006, American College of Veterinary Surgeons 2006). Врз основа на промените кои можат да настанат од присуството на туѓите тела во ГТ, милениците можат да покажат широк опсег на различни клинички знаци. Најчестите клинички знаци кои ги манифестираат мачките се: повраќање, дијареа, регургитација, птијализам, инапетенца, анорексија, депресија, дехидрација, болки во стомакот, абдоминална дистензија, опипливи цврсти сегменти на цревата, опиплив метеоризам на цревата, хронично слабеење и др. (Bebchuk 2002).
Со оглед на тоа дека интестиналната опструкција нема патогномонични кличнички знаци, нејзиното дијагностицирање бара детален клинички преглед со примена на хематолошки анализи, биохемиски профил и дијагностички тестови. Употребата на визуелни дијагностички методи (рендгенографија, ехографија, ендоскопија) се од суштинско значење за дијагностицирање на туѓите тела во ГТ. Во дадени случаи, потребна е и примена на позитивен контраст при рендгенографијата како дополнителна алатка која може да помогне во откривање на присуство на туѓото тело.

Слика 1. Нативни рендгенолошки снимки во LL и VD проекција на пациент со видлива структура во мезогастриумот и интестинален метеоризам
Целта на трудот е да се прикаже важноста на примената на рендгенологијата при дијагностицирање на туѓо тело кај мачка, со оглед на тоа дека мачката покажува симптоми на повратен хроничен гастроентеритис и делумна гастроинтестинална опструкција, а здравствената состојба се подобрува само кога пациентот е под терапија.
Приказ на случај
Три и пол годишна возрасна женска мачка, стерилизирана 3 месеци пред приемот на клиника, беше претставена со историја на хронично повраќање, апатија, дехидрација и хипертермија (39,4°C). Комплетната крвна слика (CBC) откри леукоцитоза, со леукоцити (WBC) 36,7×109/l, хемоглобин (HGB) 112 g/l, црвени крвни зрнца (RBC) 7,83×1012/l, тромбоцити (PLT) 122×109/l и малку покачена вредност на профилот на диференцијални леукоцити (Гранулоцити 25,2х109/l; Моноцити 2,3х109/l; Лимфоцити 9,2х109/l), додека серумскитe биохемиски параметри беа во референтниот опсег. Ваквата симтоматологија даде сомнеж кон гастроентеритис и беше започнато со конзервативен третман, со апликација на Ranitidine (1 mg/kg, s/c) со цел да се блокираат хистаминските H2 рецептори кои го стимулираат лачењето во желудникот и спречување на појавата на гастроинтестинални улкуси и Metoclopramide (0,2 mg/kg, i/m) за контрола на мачнина и повраќање. Флуидна терапија со Ringer’s lactate solution (30 mg/kg, i/v, на 24h) беше дадена за корекција на дехидрацијата и подобрување на ткивната перфузија. Дополнително, поради покачените леукоцити беше аплициран Ceftriaxone (30 mg/kg, i/v), а за намалување на болката во абдоменот беше даден Tramadol (1 mg/kg, s/c) во следните 5 дена. Видливо подобрување на состојбата е забележано третиот ден по третманот, освен периодично повраќање по внесувањето на храна.
Околу три недели од последниот ден од третманот, пациентот повторно беше примен во фебрилна состојба (39.7°C) со слични клинички симптоми. Повторно е направена комплетна крвна слика (CBC) каде и овој пат беше утврден покачен профил на диференцијални бели крвни зрнца WBC 47,1×109/l (Гранулоцити 35,8×109/l; Моноцити 2,5×109/l; Лимфоцити 8,8×109/l). Со оглед на тоа дека клиниката слика се повторуваше, пропратена со хронично слабеење, беше предложено да се направи рендгенолошко испитување на абдоменот.
Беа направени две нативни рендгенолошки снимки каде беше опфатена целата мачка во лева-латерална (LL) и вентро-дорзална (VD) проекција (Слика 1а и Слика 1б). На снимките беше забележано јасно ограничена овална хомогена сенка на засенчување со дијаметар од 2.5 cm во дисталниот дел од мезогастриумот, десно од ‘рбетниот столб. Перитонеумот беше со уреден изглед, интактна дијафрагма, со соодветен ситус и интензитет на абдоминалните органи, додека дел од цревата беа исполнети со воздух, а дел со содржина. На одредени места дијаметарот на проширените црева беше 2.8 cm. Ваквиот рендгенолопшки наод укажуваше на присуство на нелинерано туѓо тело во тенките црева.
Затоа, на сопственикот му беше препорачано да се направат дополнителни (контролни) снимки на абдоменот после 72 часа, со цел да се утврди дали оваа формација е подвижна и дали евентуално може да биде исфрлена со перорална примена на пургативни средства. После 72 часа повторно беа направени рендгенски снимки во истите позиции како првиот пат, на кои можеше да се забележи дека интензитетот и формата на сенката беа идентични со првичните снимки, со минимално променета положба на туѓото тело. Бидејќи мачката овој пат беше свесно изгладнета, сенката на туѓото тело беше уште повеќе рендгенолошки видлива, а дистензијата на цревата беше намалена (Слика 2).

Слика 2. Нативна снимка во LL проекција после 72 часа
Мачката беше пренесена во операциона сала, каде беше премедицирана со Acepromazine (0,05 mg/kg, i/m), а индукцијата и одржувањето на општата анестезија беше изведено со Ketamine (10 mg/kg, i/v). Исто така, предоперативно беше аплициран и Tramadol (1 mg/kg, s/c). Беше изведена целиотомија со инцизија по средната линија за да се истражи абдоменот и целиот ГТ. Беше идентификувана интралуминална маса во јејунумот каде преку надолжна, антимезентерична ентеротомија, малку аборално од местото на опструкција, беше отстрането гумено капаче (Слика 3, Слика 4). Бидејќи не беа забележани области на перфорација, не беше потребна интестинална ресекција. Цревната рана беше затворена со еднослоен апозициски шев со употреба на хируршки конец Polydioxanone 3/0, со цел да се избегне слаба субмукозна апозиција или аваскуларна некроза (Слика 5). Пред затворање на абдоминалниот ѕид се изврши абдоминална лаважа со загреан физиолошки раствор. Целиотомската рана беше затворена со неапсорбирачки Polypropilen 3/0 со едноставен континуиран шев. Мачката се опорави од анестезија без никакви компликации. Постоперативниот третман вклучуваше дополнителни кристалоиди за корекција на дефицитот на течности и електролити. Храна и вода на мачката и беа понудени 48 часа по операцијата. Конците на кожата беа отстранети на 10-тиот ден по операцијата.

Слика 3. Интралуминална маса во јејунумот, видлива при дијагностичка лапоратомија

Слика 4. Туѓо тело - гумено капаче, отстрането после ентеротомија
Дискусија
Дијагностиката на туѓо тело во ГТ може да претставува сериозен проблем за ветеринарните практичари. Од една страна проблем се јавува главно како последица на различните клинички знаци што се јавуваат кај милениците, а од друга страна клиентите често не можат да понудат никакви информации за тоа дали миленикот изел некаков вид на забранет предмет (Fazio 2006).
Појавата на различни клинички знаци при присуство на страно тело во ГТ зависи од неколку фактори, и тоа:
- Степенот на опструкција
Степенот на опструкција зависи од големината на туѓото тело, а опструкцијата може да биде целосна или делумна (Hayes 2009). Генерално, целосната опструкција е поврзана со подраматични клинички знаци и брзо влошување на општата здравствена состојба, додека делумната опструкција може да биде поврзана со повеќе хронични знаци на лошо варење и малапсорпција (Papazoglou и сор. 2003).
- Локацијата на опструкција
Опструкцијата може да настане во кој било дел од ГТ и е класифицирана како: висока, средна и ниска. Високата интестинална опструкција ги вклучува: желудникот, дуоденумот и горниот јејунум; средната интестинална опструкција го вклучува средниот дел од должината на јејунумот; ниската интестинална опструкција ги вклучува дисталниот јејунум и илеумот (Papazoglou и сор. 2003). Според Hayes (2009), од вкупниот број на утврдени нелинеарни туѓи тела кај мачки, нивната процентуална заспатеност во одредени локации од ГТ била: 29% во проксималниот јејунум, 24% во желудникот, 24 % во дуоденумот, 18% во средниот дел од јејунумот и 6% во илеумот.

Слика 5. Затворање на цревната рана со еднослоен апозивиски шев
- Патофизиолошките промени
Поголемиот дел од опструктивните едноставни нелинеарни туѓи тела не предизвикуваат никаква компресија на васкуларизацијата на цревниот ѕид. Странгулациската опструкција најчесто е целосна, го компромитира снабдувањето со крв на зафатениот цревен сегмент резултирајќи со луминална дистензија што води до едем на цревниот ѕид и прогресивна некроза. Овие фактори придонесуваат за илеус и за зголемување на бројот на патогените интралуминални бактерии што доведува до распаѓање на мукозната бариера и системска ендотоксемија (Ellison 1993). Познавањето на патофизиологијата е од суштинско значење за правилна дијагноза и брз и систематски третман на пациентот со сомнителна интестинална опструкција.
Организираниот пристап за дијагноза на сомнителни случаи на туѓи тела во ГТ ќе помогне да се минимизираат непотребните тестирања и ќе овозможи да се направи точна и навремена дијагноза, како и детално да се утврди мометалниот здравствен статус на самиот пациент (Fazio 2006).
- Анамнестички податоци: еден од значајните анамнестички податоци е возраста на пациентот. Ова може да помогне во диференцијалната дијагноза за секое милениче кое има клинички знаци на повраќање имајќи предвид дека младите животни се повеќе склони да голтнат туѓо тело во споредба со повозрасните миленици (Bebchuk 2002);
- Детален клинички преглед е неопходен. Врз основа на истражувањето на Hayes (2009) е утврдено дека кај мачките во 6 од 24 случаи (25%) било пронајдено линеарно туѓо тело под јазикот или испакнати конци од анусот. Во 14 од 24 случаи (58%) туѓото тело (или интестинална абнормалност) било пронајдено за време на нежна абдоминална палпација кај буден пациент (13 случаи) или анестезиран пациент (1 случај). Во оваа студија, линеарните туѓи тела биле застапени со 33% од сите туѓи тела во ГТ. Во друго истражување, 50% од линеарните туѓи тела пронајдени кај мачки (на пример, конец, најлон или врвка) биле прикачени околу основата на јазикот (Slatter 2003);
- Лабораториски наоди: Лабораториските наоди варираат во зависност од природата на интестиналната опструкција. Тие прелиминарно можат да послужат како основна диференцијално дијагностичка алатка со цел да се исклучат посериозни проблеми, како што се бубрежна инсуфициенција или заболување на црниот дроб. Сепак, при хронична интестинална опструкција можно е мало зголемување на активноста на аланин аминотрансферазата (ALT), алкалната фосфатаза (AP) и липазата, како и зголемување на концентрациите на креатининот и уреата во крвта.
- Хематолошка анализа:
- - хемоконцентрација како последица на дехидрација;
- - можна анемија како последица на улцерација во ГТ;
- - хемолитичка анемија како последица на токсичност од цинк;
- - нуклеирани ериторцити како последица на труење со олово;
- - леукоцитоза со или без блага лева смена до дегенеративна лева смена во случаи со перитонитис како последица на цревна перфорација (Michigan Veterinary Specialists 2006, Bebchuk 2002, Slatter 2003);
- Биохемиски анализи: Во раната фаза при опструкција на пилорусот поради повраќање на сокови од желудникот кои се богати со калиум, натриум, водородни и хлоридни јони може да дојде до хипохлоремична, хипокалемична и умерено хипонатремична метаболичка алкалоза. Повраќањето како последица на дуоденални или проксимални јејунални опструкции, но без опструкција на пилорусот, е поврзано со повраќање на цревна содржина која содржи хлороводородна киселина, дуоденални секрети и секрети од панкреасот кои се богати со бикарбонати, што резултира со блага метаболичка ацидоза и дехидрација. Нормалната pH вредност е резултат на еднаквата загуба на секрети од желудникот и основните секрети од сокот од дуоденумот, жолчката и панкреасот (Papazoglou и сор. 2003, Bebchuk 2002).
Хематолошките и биохемиските наоди кај животно со интестинална опструкција од линеарно туѓо тело не се разликуваат од наодите кај животно со интестинална опструкција од нелинеарно туѓо тело.
- Рендгенолошкото истражување е неминовна дијагностичка алатка во потврдувањето или негирањето на сомнежот за присуство на туѓо тело во ГТ. Рендгенолошки видливите туѓи тела (коска, камен, метал или тела со голема апсорпциона моќ) се лесни за рендгенолошко утврдување. Проблем претставуваат останатите нелинерани туѓи тела кои имаат помала апсорпциона моќ од околните меки ткива во абдоменот, како и линеарните туѓи тела (Papazoglou и сор. 2003). При ваквите состојби, дополнително што може да има позитивно значење при рендгенолошкото дијагностицирање е:
- - мерење на дијаметарот на луменот на тенкото црево. Кај мачките, пречникот на луменот на тенкото црево не треба да надминува 12 mm или дијаметарот на тенките црева не треба да биде поголем од 1.6 пати од висината на средината од телото на петтиот слабински пршлен.
- - радиографски знак на механичка опструкција е присуството на повеќе меурчиња исполнети со гас со различен дијаметар во тенкото црево.
- - десна дислокација на поголем дел од тенките црева, особено при присуство на линерано страно тело (MacPhail 2002, Thrall 1994, Bebchuk 2002).
При проценката треба да се има предвид дека дуоденумот е поширок од јејунумот и илеумот, и кај кучињата и кај мачките (Fazio 2006).
Соодветното и навременото употребување на рендгенската дијагностика во случај на гастроинтестинални нарушувања е незаменлива дијагностичка алатка. Секогаш кога има клиничка манифестација на нарушувања на ГТ и нема подобрување на здравјето на пациентот после неколку последователни третмани, неопходна е пред сѐ нативна, а доколку има индикации и примена на специјална графија со позитивен контраст. Воспоставување на рана дијагностика на туѓите тела во цревата и добра хируршка техника се неопходни за да се спречат понатамошни компликации, како што се: интестинална некроза, перфорација, истекување, дехисценција, перитонитис, ендотоксичен шок и смрт.
Користена литература:
1. MacPhail C, 2002, Gastrointestinal obstruction, CTSAP, 17, 4, 178–83.
2. Fazio KA, 2006, Diagnosing GI foreign bodies, Banfield, 11, 6, 24–32.
3. Michigan Veterinary Specialists, 2006, Gastrointestinal foreign body, Available at: www.michvet.com
4. Capak D, Simpraga M, Maticic D, Bali R, Janoska B, 2001, Incidence od foreign-body-induced ileus in dogs, BMTW, 114, 7–8, 290–6.
5. Nandini MK, Vishwakarma P, Mahesh V, 2017, Gastrointestinal obstruction due to linear foreign body in a cat: A case report, AAVS, 5, 10, 416–8.
6. Papazoglou ZG, Patsikas MN, Rallis T, 2003, Intestinal foreign bodies in dogs and cats, Compend Contin Educ Vet, 25, 11, 830–43.
7. Felts JF, Fox PR, Burk RL, 1984, Thread and sewing needles as gastrointestinal foreign bodies in the car: A review of 64 vases, JAVMA, 184, 1, 56–9.
8. American College of Veterinary Surgeons, 2006, Gastrointestinal foreign bodies, Available at: www.acvs.org
9. Bebchuk TN, 2002, Feline gastrointestinal foreign bodies, Vet Clin North Am Small Anim Pract, 32, 4, 861–80
10. Hayes G, 2009, Gastrointestinal foreign bodies in dogs and cats: a retrospective study of 208 cases, JSAP, 50, 11, 576–83
11. Ellison GW, 1993, Disease mechanisms in small animal surgery, 3rd edition, 252–7.
12. Slatter DH, 2003, Textbook of small animal surgery, 3rd edition, 616–8, 654–8.
13. Thrall D, 1994, Textbook of veterinary diagnostic radiology, 2nd edition